Сигналите за намалените резерви ја кренаа нафтата кон 83 долари

Цените на нафтата во средата пораснаа на 83 долари на меѓународните пазари поради знаците за позатегнати резерви и потврдата од претседателот на американската централна банка дека ќе ги намали каматните стапки оваа година, поттикнувајќи ја економијата и побарувачката на енергија.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 1,04 долари повисока од вчерашното затворање и изнесуваше 83,08 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 1,40 долари поскапо, по 79,55 долари.

Одделно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека во вторникот барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки паевтинил за 1,07 долари, на 82,31 долари.

Во средата, трговците се концентрираа на текстот од говорот што претседателот на американската централна банка (Federal Reserve – Fed), Џером Пауел, ќе го одржи во текот на денот пред Конгресот.

Пауел, според најавите, се подготвува да му каже на Конгресот дека банката сè уште очекува да ги намали каматните стапки во втората половина од годината. Пред да ги намалат, претставниците на централната банка само сакаат да бидат „посигурни“ дека инфлацијата ќе продолжи да слабее во наредните месеци, се вели во текстот на говорот на Пауел.

Поради тоа, Fed внимателно ќе го испита извештајот за вработеноста во февруари, кој ќе биде објавен на крајот на седмица.

Нафтените пазари сакаат пониски трошоци за задолжување, кои имаат поволно влијание врз економијата и побарувачката на нафта.

Цените оваа седмица беа поддржани од потегот на OPEC и неговите сојузници големи независни извозници предводени од Русија познати како OPEC+, кои одлучија да ја намалат понудата за 2,2 милиони дневно до крајот на вториот квартал. Сегашниот договор за производство истекува на крајот од март.

Намалената физичка понуда веќе се чувствува, пред сѐ, на азискиот пазар, меѓу другото и поради нарушувањата во пловидбата на танкерите низ Црвеното Море, па Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник, во средата малку ги зголеми цените на барелите со датум на испорака во април.

Преговорите за прекин на огнот во палестинскиот Појас Газа се заглавени, поттикнувајќи ја неизвесноста и стравувањата дека конфликтот меѓу палестинскиот Хамас и вооружените сили на Израел може да се прелее во поширокиот регион на Блискиот исток и да го загрози производството на нафта.

Нагорниот тренд на цените е поддржан и од маргиналниот раст на залихите на нафта во САД минатата седмица, за само 423 илјади барели, според извори кои се повикуваат на податоци од извештајот на здружението на производители API. Аналитичарите анкетирани од Reuters процениле дека тие пораснале за 2,1 милиони барели.

Владата во текот на денот ќе ги објави официјалните податоци.