На првиот сенароден собир во организација на ВМРО-ДПМНЕ кој вечерва се одржа пред Владата и со кој се одбележа почетокот на кампањата за претседател на Република Македонија, говореше кандидатката проф. др. Гордана Силјановска Давкова.
-Гордоста не се купува или подарува. Гордоста се заслужува. Ова е годината кога одбележуваме 80 години од македонската државност, 80 години од АСНОМ. Партизаните, беа инспирирани од првиот Илинден и затоа влегоа во вториот Илинден, во борба за слобода. Е така се гради гордост, тие загинаа за нас , за Македонија да ја направат горда. Ние тоа мора да го почитуваме. Тие тоа го заслужуваат, нашиот народ тука тоа го заслужува, истакна Силјановска Давкова.
Таа вети дека ако стане претседател на државата повторно ќе ја отвори Народната канцеларија на претседателот, која беше отворена од поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, каде секој граѓанин ќе може да предложи идеи и да побара објаснувања за низа проблеми и ситуации во државата.
Рече дека нема да оди надвор од Македонија и да преговара без да оствари консензус за клучните прашања за државата.
-Само најуспешните, најстручните и најпочитуваните можат да ни ја вратат гордоста и така веќе нема да бидеме најнесреќниот народ, порача Силјановска Давкова.
-Не се оди во Европа со реторика ЕУ, НАТО, НАТО ЕУ.
Не, туку со почитување на вредностите и со практикување на вредностите само ако станеме нормална, стандардна држава, ќе бидеме во рамките на ЕУ, рече Силјановска Давкова.
Тие членството во ЕУ, вели таа, го замислуваат како качување на воз што оди кон Брисел. Не, додаде кандидатката за претседател, Брисел треба да дојде овде.
-За овие години тие ништо од тн. копенхагенски критериуми не спроведоа. Ние ќе го сториме тоа. Кога нема ништо да направите, и кога ќе бидете во конфузија, што ви преостанува, само хорски да пеете нешто во што не верувате. Нема потреба од повторување за нешто што постои, рече Силјановска Давкова. Таа посочува дека тие ветуваат реформи, а тоа значи дека не ги направиле.