Силјановска Давкова: Кога пратениците од власта ќе се соберат 62, ние од опозицијата знаеме дека тој ден е за гласање нивни закони, инаку ги нема никаде

Да се биде пратеник за мене е престижна функција впрочем ако ја гледате структурата на другите парламенти ќе видите дека сум во право, а јас сум човек кој кога ќе се нафати за било која работа и во било која средина гледа таму да направи нешто што недостига, да ги смени работите. Јас реков ќе бидам субрезивна во Собранието и потврдувам дека ќе продолжам. Мислам дека Собрание не може да функционира без процедура, а имаме сериозни проблеми со процедурата“, рече Гордана Силјановска Давкова, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „За обнова на Македонија“ во емисијата „Заспиј ако можеш“.

Силјановска Давкова додаде дека во Собранието пратениците немаат календар и тоа е непознат феномен. Не се знае кога што ќе дојде на дневен ред на седница.

„Ако ги броите законите што се носат во било која европска земја или во регионот со оние кои ние ги носиме неспоредливо е, стотина пати повеќе, а правниците ние велиме дека честите промени на законите создаваат правна неизвесност, а не правна извесност. И јас се плашам дека честите промени не се за да фатите чекор за да се хармонизирате со европската легислатива туку напротив заради персонализација на политиката“, појасни Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова посочи дека дури е непознат феномен што се случува во еден ден да се има неколку собраниски седници, пратениците тогаш не можат да бидат подготвени за сите седници.

„Најстрашното е кога во салата ќе видите многу малку луѓе кои дебатираат и ако знаете дебата кога однапред е познат резултат не знам дали е дебата. Ама оние кои одлучуваат најчесто не се внатре. Тие доаѓаат, јас ги нарекувам барони пратеници, доаѓаат како уште килим чекаат да им постелаш тогаш кога се гласа. Она што е специфично за нашиот парламент е дека ние најчесто дискутираме и на крајот точката завршува или почнува вака – дали има некој кој што ќе се јави по точката, бидејќи нема никој вели се заклучува расправата, а расправата не ни започнала. И заклучокот на крајот е за денот, значи не ни дознаваме кој ден во колку часот ќе гласаме туку вели – накнадно ќе се договориме за денот на гласањето. Знаете што значи накнадно? Откако ќе се договори со тие отсутните и тогаш кога тие ќе осамнат низ собранието 62 пратеника тогаш се знае дека е тој ден за гласање“, истакна Силјановска Давкова.