Силјановска Давкова: Кога Заев е реалист за добивање на датумот за почеток на преговори со ЕУ?!

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова во Дневникот на Сител телевизија, во врска со преговорите со Бугарија го профилираше премиерот Зоран Заев со описот „кажувам, заборавам, негирам“, и притоа запраша зошто во овие преговори не се вклучи и шефот на државата Стево Пендаровски на средбите, како прв човек за меѓународните односи во земјата.

„Јас одамна велам дека профилот на нашиот премиер може да се дефинира како кажувам, заборавам, негирам. Сега е значи реалист, тоа ме чуди затоа што ние веќе во илузија сме многу долго време дека веќе следниот миг или следниот датум ги почнуваме преговорите, а забораваме кога ќе дојде тој датум, ако веќе дојде. Во Декларацијата на Бугарија и во изјавите убаво си пишува дека почетокот на преговорите не треба да се гледа како гаранција за членство, туку само како позитивна движечка сила за реформите“, рече Силјановска Давкова.

Додаде дека на изборите повикувала на „себеевропеизација“, односно градење на државата според европски стандарди, заснована на владеење на правото, почитување на човековите права, пазарна економија и жестока борба со корупцијата. Но, како што посочи Силјановска Давкова, изговорот од власта бил прво да се решат прашањата со соседите, затоа што тоа бил единствениот начин да се оди кон ЕУ.

„Меѓутоа, се покажа дека тоа не е така, затоа што со ‘Ориент експрес’ не се оди во Европа“ , посочи Силјановска Давкова.

„Мене ме чуди каде е претседателот на државата, бидејќи и во меѓународните односи, и во нашиот Устав, прв примус во меѓународните односи е претседателот, па претседател со претседател, би сакала не само да патуваат во авионот заедно, туку да биде вклучен и претседателот“, истакна пратеничката.

Според Силјановска Давкова, претседателот Пендаровски „не треба да ја чека Нова година за да ѝ се обрати на нацијата само за да и честита, туку можеше да се обрати за проблемот со Бугарија, бидејќи тој е првиот човек во меѓународните односи“.