Силекс ја згази Ренова

Екипата на Силекс изби на чело на табелата во Првата македонска лига откако денеска ја совлада Ренова на домашен терен со 3:1 во рамките на 4. коло. Кратовци сега имаат скор од три победи и едно реми и поради подобрата гол-разлика се на врвот пред Шкупи кој има ист скор.

Во интересен и динамичен натпревар Силекс го совлада ривалот од Џепчиште со пресврт откако губеше на почетокот на мечот. Мечот освен четири гола го одбележаа и уште неколку шанси на двете страни.

Ренова беше подобра на почетокот на натпреварот, а како што се приближуваше полувремето домашниот тим се повеќе притискаше и тоа вроди со два гола и пресврт.

Во седмата минута Рамадани упати силен шут од голема далечина, а топката мина под рацете на голманот Божиновски и заврши во мрежата. Силекс направи пресврт во период од три-четири минути. Прво Пепи Георгиев се најде сам пред противничкиот голман и ја затресе мрежата, а во судиското продолжение на првиот дел одлична акција на Силекс, Тимовски од десната страна го пронајде Денис Ристов на втората статива, а овој непречен од никого ја смести топката во голот.

Во 58. минута голема грешка на Велија во одбраната, Тантуровски му ја одзема топката, Георгиев се најде во добра позиција и го совлада Велии за 3:1.

Работата за Ренова стана тешка кога Рамадани во 69 минута поради два жолти картони мораше да ја напушти играта. Па така со 10 фудбалери „Гипсарите“ не успеаја да спасат барем бод од овој меч.

Силекс можеа да победат и поубедливо затоа што во финишот ја погодија и пречката.

Така Силекс врза три првенствени победа над Ренова вклучувајќи ги и двете од претходната сезона.