Силен раст на Волстрит, инфлацијата попушта

Акциите на Волстрит во вторникот нагло пораснаа бидејќи побавниот од очекуваниот раст на цените на производителите во САД ги поддржа надежите на инвеститорите дека тамошната централна банка наскоро ќе почне да ги намалува каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна 1,04 отсто, на 39.765 поени, додека S&P 500 порасна за 1,68 отсто, на 5.434 поени, а индексот Nasdaq за 2,43 отсто, на 17.187 поени.

Растот на индексот беше поттикнат од подобри од очекуваните податоци за цените на производителите. Во јули овие цени се зголемени за 0,1 отсто на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 2,2 отсто, што е значително побавно од јунскиот раст од 2,7 отсто.

Ова укажува на релаксација на инфлаторните притисоци, со што се отвора простор за американската централна банка да ги намали каматните стапки. Како резултат на тоа, пазарот проценува дека има околу 55 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки за 0,50 процентни поени во септември, во споредба со помалку од 50 отсто пред извештајот за цените на производителите.

„Извештајот за цените на производителите покажува дека Fed направи одлична работа во намалувањето на инфлацијата и намалувањето на каматните стапки може да дојде наскоро. Но, уште поважен извештај за потрошувачките цени ќе биде објавен во среда. Секоја бројка може значително да влијае врз насоката на пазарот“, вели Мајкл Џејмс, директор во компанијата „Wedbush Securities“.

Аналитичарите анкетирани од Reuters процениле дека потрошувачките цени се зголемиле за 0,2 отсто месечно во јули, при што годишната стапка на инфлација најверојатно ќе се одржи на 3 отсто.Доколку податоците за потрошувачките цени се подобри од очекуваното, пазарот може дополнително да порасне. Доколку се послаби од очекуваното, пазарот може да се најде под притисок, бидејќи тоа би значело дека поради високата инфлација, Fed нема да може да ги намали каматните стапки толку брзо како што се надеваат инвеститорите.

Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,30 отсто, на 8.235 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,48 отсто, на 17.812 поени, а париски CAC зајакна 0,35 отсто, на 7.275 поени.