Силен раст на Волстрит по пораката на Fed

 

Берзанските индекси силно пораснаа на Волстрит во средата, при што Dow Jones достигна рекордно високо ниво, откако американската централна банка (Federal Reserve – Fed) соопшти дека циклусот на затегнување на монетарната политика е завршен и дека следува намалување на каматните стапки.

Индексот Dow Jones зајакна за 1,40 отсто, на рекордни 37.090 поени, додека S&P 500 порасна за 1,37 отсто, на 4.707 поени, а Nasdaq индексот порасна за 1,38 отсто, на 14.733 поени.

Освен Dow Jones, и другите индекси вчера достигнаа нови највисоки годишно ниво.

На последната седница од годината, челниците на Fed ги оставија каматните стапки непроменети во опсегoт од 5,25 до 5,50 отсто, имајќи предвид дека инфлаторните притисоци постепено се намалуваат. Тоа се очекуваше, но пазарот го поттикна оценката на речиси сите челници на Fed дека во наредната година каматните стапки ќе бидат намалени, и тоа во три наврата.

Дополнителна поддршка за пазарот даде коментарот на претседателот на Fed, Џером Пауел, на прес-конференција дека централната банка најверојатно нема повторно да ги зголеми каматните стапки.

„Инфлацијата се намали, и без значително зголемување на невработеноста. Тоа е добра вест“, рече Пауел и додаде: „Fed сега е многу фокусирана да не направи грешка да ги држи каматните стапки премногу високи предолго“.

По оценките и пораките на шефот на Fed, пазарот сега проценува дека има 90 отсто шанси централната банка, по повеќе од година ипол затегнување на монетарната политика, да почне да ги намалува каматните стапки во мај.

„На крајот на краиштата, се чини дека инфлацијата ќе се спушти на нормални нивоа без рецесија. На ова се надеваа инвеститорите, а сега е многу веројатно“, вели Том Мартин, портфолио менаџер во Globalt Investments.

A на европските берзи, кои вчера беа затворени пред одлуките и пораките на Fed, се тргуваше внимателно. Лондонски FTSE индекс зајакна за 0,08 отсто, на 7.548 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,15 отсто, на 16.766 поени, а париски CAC 0,16 отсто, на 7.531 поен.