Силен тајфун во Јужна Кореја остави 20.000 домови без струја

Во налетот на тајфунот Хинамнор во Јужна Кореја, едно лице исчезна, а илјадници луѓе мораа да ги напуштат своите домови, соопштија денеска локалните власти.

Поради обилните врнежи од дожд и ветер, патиштата беа уништени, а повеќе од 20.000 домови останаа без струја. Најмалку пет згради се поплавени.

Официјалните лица предупредија на поплави, лизгање на земјиштето и плимни бранови што може да ги предизвика Хинамнор, најсилниот тајфун што ја погодил земјата во последните години.

Јужнокорејската метеоролошка агенција соопшти дека невремето со брзина на ветер до 144 километри на час се движи североисточно, во правец на отворено море.

Министерството за вонредни ситуации соопшти дека 3.400 луѓе во јужните делови на земјата морале да ги евакуираат своите домови.

Официјални лица советуваа уште 14.000 луѓе да се евакуираат пред налетот на тајфунот Хинамнор.