Силен топлотен бран: Во Њу Делхи се измерени рекордни 52,3 степени Целзиусови

Екстремна горештина зафати делови од главниот град на Индија во средата, втор ден по ред, достигнувајќи 52,3 степени Целзиусови, а невиден топлотен бран зафати и некои северозападни региони.

Рекордно високите летни температури резултираа со невообичаено силен топлотен бран последните денови, велат метеоролозите и додаваат дека треба да се намали од четврток во северозападна и централна Индија.

Температурите се толку високи што неколку ученици ја загубија свеста во јавното училиште во источната индиска држава Бихар. Училишниот доктор изјави дека тоа се случува поради дисбаланс на електролити, што предизвикува несвестица, повраќање и вртоглавица.

Азија оваа година е погодена од исклучително топло лето, тренд за кој научниците тврдат дека е влошен од климатските промени и е поттикнат од луѓето.

Индија обично прогласува топлотен бран кога максималната температура ќе достигне 4,5 до 6,4 степени Целзиусови над нормалната температура, а силен топлотен бран кога температурата е 6,5 Целзиусови степени над нормалната.

Невообичаено високите температури ја натераа Изборната комисија на Индија да распореди медицински персонал на избирачките места за време на општите избори во Њу Делхи минатата седмица.