Во Република Македонија авторитаризмот е препознатлив под терминот „заевизам“, а од демократијата нема ниту трага, рече во понеделникот вечерта во текот на средбата со граѓаните во општина Сопишта, претседателската кандидатка предложена од ВМРО-ДПМЕН, Гордана Силјановска Давкова, алудирајќи на начинот на владеење на премиерот Зоран Заев.
„Гледам некои анализи за западниот Балкан, дали функционира или не демократијата во овие неколку години и без исклучок, вклучувајќи ја и Македонија се вели дека од демократијата нема ниту траг, дека авторитаризмот е силен. Во Македонија, авторитаризмот има име Заевизам ама тоа не значи само концентрација на власта во еден човек или во една група во него, туку значи многу повеќе. Значи дека претходно некој ја укинал поделбата на власта што е загарантирана во Уставот, законодавна извршна и судска“, рече Силјановска Давкова.
Додаде дека поделбата на власта на извршна судска и законодавна, не е случајна, туку, напротив, претставува една спрега, како што рече, кочница за да не се мешаат овие три власти.
Според Силјановска Давкова, „заевизмот“ во Македонија ја избришал оваа поделба и кочница со потпишување на Преспанскиот договор, односно, како што рече таа, склучувањето на меѓународните договори се во надлежност на Претседателот на државата, а не на министерот за надворешни работи.
„Не случајно е поделбата е поделбата на власта, за да има секоја од трите власти, спрега, кочница во однос на другата власт. Значи Заевизмот од една страна значи укинување на спрегите и кочниците меѓу двете глави на извршната власт, претседателот, владата и премиерот. Претседателот целосно е отстранет, дури и од функции кои што се секогаш претседателски, како што е склучувањето на меѓународните договори, па видовте вие дека наместо Претседателот на државата, којшто со право ќе одбиеше да го склучи, го потпиша, го склучи министерот за надворешни работи“, потенцираше Силјановска Давкова.