Власта на СДСМ ги изманипулира граѓаните со референдумското прашање на 30-ти септември, бидејќи прашањето не беше соодветно поставено, зашто за НАТО не е потребен референдум ако се земе предвид дека тоа е меѓународна организација и е потреба само одлука донесена од страна на Собранието, додека пак за влез во Европската унија е потребно да се распише задолжителен референдум, рече во петокот вечерта кандидатката за претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова пред граѓаните во Демир Хисар.
Оваа власт ги злоупотреби Европската унија и НАТО во референдумското прашање, за да има алиби наместо отворено да праша дали сте за Преспанскиот договор или не, или да праша дали сте за промена на името или не, таа тргна со прашањето дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со склучување на Преспанскиот договор. Знаеја дека голем дел од граѓаните се за членство во Европската Унија и НАТО, но што заборави, заборави дека кога ќе гласаме за влез во ЕУ, а со нив не верувам дека ќе дојде тој ден брзо, ќе треба да распишеме задолжителен референдум. Заборавија дека за НАТО не е потребен референдум ако го третираме како меѓународна организација, туку е доволно Собранието да донесе одлука, вели Силјановска Давкова.
Истакна дека најголемо загрозување за суверенитетот на една држава е корупцијата и криминалот, потенцирајќи дека власта не само на централно туку и на локално ниво врши непотизам, односно како што рече таа ова во науката се нарекува клиентелизам.
Кои се вашите проблеми? Под еден, невиден раст на непотизам, читам и слушам дека локалната власт е фамилијарна власт. Каде што има фамилијарна власт има односи на потчинетост, ние тоа во науката го викаме клиентелизам, или јас вас ќе ве вработам а вие мене нешто ќе ми дадете, или јас вам нешто ќе ви понудам а вие мене ќе ми должите, а каде што има клиентелизам ќе има корупција и криминал, рече во продолжение Силјановска давкова/
Додаде дека ќе се бори за правда и владеење на правото, бидејќи тие се принципите за кои треба да се залага секој претседател на државата и побара поддршка од граѓаните масовно да ја подржат на овој пат со цел да се донеси правда и правдина во Република Македонија, посочувајќи дека бојкотот не е решение и дека не треба да се бојкотираат овие претседателски избори.
Професорката Силјановска Давкова во Демир Хисар ги демантираше тврдењата на повеќе владини претставници дека Македонија го пропуштила возот за ЕУ. Имено таа истакна дека ЕУ „не е воз кој треба да нѐ однесе до Брисел, туку треба ние тука самите да ја создадеме“, притоа порачувајќи дека за овие две и половина години владеење на СДСМ, далеку сме од целта.
Балканот отсекогаш бил географски политички, а особено културно, дел од Европа. Самата јас ,не само што предавам Компаративно уставно право и компаративни политички системи, туку предавам и Уставно право на Европската Унија, предавам и политички систем на Европската Унија. Освен во два периоди за време на Отоманската империја и можеби за време на комунизмот, нашето место било и ќе биде во Европа и во Европската Унија. Но не е патот кон ЕУ воз, понекогаш јас велам Ориент експрес на кој вие ќе се качите и ќе стигнете во Брисел. Не ЕУ треба да ја создаваме овде и тука, но за жал во овие речиси две и половина години, далеку сме од тоа, рече Силјановска давкова.