Вие сте како расипана грамофонска плоча, вашата перцепција во недостиг од знаење или опскурно знаење е политичка, мојата е научна, му порача во последната предизборна телевизиска дебата претседателската кандидатка на опозицијата Гордана Силјановска Давкова на кандидатот на владејачките партии Стево Пендаровски.
Вечерва на последната политичка дебата на Телевизија 21, тројцата претседателски кандидати за последен пат ја имаа можноста да се претстават пред граѓаните на Република Македонија. Во текот на дебатата, Стево Пендаровски во обид да и’ наметне став во облик на обвинување на Гордана Силјановска Давкова дека не се залага за Албанците, Силјановска му одговори дека звучи како рефрен од расипана плоча. Таа рече дека неговите говори од 2001 година, за кои постојат и докази во весниците, ги знае и таа, а и сите Албанци во државата.
„Тоа е Вашата перцепција која во недостиг на знаење или опскурно знаење е секогаш политичка, мојата кога не сум била во политиката, е научна. Јас кога го анализирам Рамковниот Договор во научни трудови, Ви го покажав едниот вчера со највисоки оценки во САД, се водам од концептите на т.н. консоцијативна демократија каде може да функционира, каде не и слично“, рече Силјановска Давкова.
Забалажа дека Пендаровски во текот на дебатата во обидот да им се додворува на Албанците, ги потцени, ги негира и ги дискриминира останатите, бидејќи правичната и соодветна застапеност подеднакво се однесува и на Турците, и на Ромите, и на Власите, и на Србите и на сите останати.
Силјановска на својот противкандидат Пендаровски му предичи и дека неговиот партиски лидер Зоран Заев е амнестиран врз основа на ексклузивно монархистичко право надвор од сите правни норми.
„Републиканската монархија во Македонија има долга традиција. Традицијата е од 1993 година кога тогашната власт донесе закон наменски, за кого, закон за помилување според кој беше ослободен сегашниот премиер од тогашниот претседател на државата“. нагласи Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова додаде дека Бранко Црвенковски врз основа на одредба за ексклузивно монархистичко право надвор од сите други правни норми го помилувал Зоран Заев.
Спротивно на Европската конвенција за човекови права беа следени членови на моето семејство и бев нападната на основ на пол и возраст, рече Силјановска Давкова.
„Дури и во првичниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР стои забелешката за атакот врз мене и наместо да се радуваат дека има кандидат жена, тие атакуваат и за родот и замислете возраста“, рече Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ на дебатата на телевизија 21.
Укажа дека на атак беше изложено и нејзиното семејство.
„Директно од новинари, го следеа нивното движење, а тоа е спротивно на Европската конвенција за човекови права. И на крај доживаев човек од штабот на противкандидатот да ме испрати во Бардовци. Јас може да го посетам за да дадам правен лек, а јавноста може да суди за нашето однесување“, рече Силјановска.