Повеќе од два милиони граѓани на Германија редовно ги користат услугите на ткн банки за храна, а милиони не можат соодветно да ги затоплуваат своите домови, и покрај силното стопанство и економија во изминатите десет години, покажува истражувањето на институтот WSI.
Во 2019 година уделот на граѓаните со примања повеќе од половината помали од средишната вредност изнесувал 11,1 отсто во популацијата од 84 милиони луѓе, утврдил Институтот за економски и општествени науки (WSI) во истражувањето презентирано во четвртокот.
Во периодот од 2010 до 2019 година уделот е зголемен за 40 отсто, пресметале во институтот кој тесно соработува со синдикатите. Во 2010 година медијанот (средишната вредност) на примањата на домаќинствата по жител изнесувал 21.219 евра, а во 2019 година 24.037 евра.
„Во 2019 година бројот на сиромашните во Германија го достигнал највисокото ниво во историјата“, велат авторите на истражувањето, иако во периодот од 2010 до 2019-та е одбележан со силна економија и пад на стапката на невработеност.
Добрите екомонски резултати и намалената невработеност не им помогнале на посиромашните домаќинства, чијашто материјални ситуација дополнително се влошила, истакнуваат од институтот, наведувајќи дека на сиромашните во 2010-та им биле потребно околу 3.000 евра да ја мината границата на сиромаштијата. Во 2019-та, пак, за тоа им биле потребни речиси 4.000 евра.
Истражувањето на WSI покажало дека растот на бројот на сиромашните не може да им се припише на неодамнешните глобални настани, како пандемијата на коронавирусот или војната во Украина и сходно на тоа силниот раст на цената не енергенсите.
И хуманитарните организации предупредуваат дека сиромаштијата во Германија достигнала ново рекордно ниво. Според податоците на статистичкото биро, сиромаштијата минатата 2021 година им се заканувала на 13 милиони граѓани на Германија, што е 16 отсто од вкупното населението.