Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху истакна дека неговата земја ќе одговори силно на била каква агресија по состанокот на воениот кабинет. Тој изрази подготвеност за било кое сценарио и оти секој ќе плати висока цена за напади против Израел. Во првото обраќање по нападот врз фудбалско игралиште на Голанската висорамнина, но и убиствата на високи претставници на Хамас и на Хезболах, Нетанјаху и порача на нацијата дека претстојат денови на големи предизвици.
Русија, Иран и Турција го осудија убиството на лидерот на Хамас во Газа, Исмаил Ханија, нарекувајќи го неприфатливо политичко убиство што може да ја прошири војната на регионално ниво.
„Силно го осудуваме овој напад, кој доведе до смрт на Ханије. Веруваме дека таквите акции се насочени против обидите за воспоставување мир во регионот. Уште повеќе можат значајно да ја дестабилизираат и онака напнатата ситуација“, вели Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин.
Аналитичарите алармираат на можни испреплетени конфликти во регионот, како и комплицирање на преговорите за договор за прекин на огнот и ослободување заложници во 10-месечната војна во Газа.
Со извици „Алах е најголем!“, „Смрт за Израел“, „Смрт за Америка“ поддржувачите на иранската влада протестираа на Универзитетот во Техеран за да го осудат убиството Ханија. Ханија беше убиен во воздушен напад во Техеран, а Иран го обвини Израел за атентат. Нападот се случи откако Ханије присуствуваше на инаугурацијата на новиот претседател на Иран. Претходно Израел објави дека во напад врз Бејрут е убиен воениот командант на Хезболах Фуад Шукур, во нападот загинаа најмалку една жена и две деца, а беа ранети десетици луѓе.