Силно невреме во Струмица, поплавени улици и подруми, екипите интервенираат на терен

Невреме со грмотевици и силен дожд вечерва ја зафати Струмица и регионот. Дождот поплави дел од улиците низ градот, а обилните врнежите не стивнуваат речиси два часа. Гром удрил во куќа во селото Муртино нешто пред 21 часот, по што се запалила покривната конструкција, а по интервенција на пожарникарите била изгасната. Нема повредени, информираа од ТППЕ Струмица, од каде интервенирале со едно противпожарно возило и петмина пожарникари по силното невреме во Струмичко вечерва во 19:30 часот.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, вечерва на фејсбук објави дека  било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата „Младинска“, која е една од пониските коти во градот.

– Не можеме денес да го решиме проблемот со нивелацијата, но најитно се заложувам со изработка на проект за реконструкција на улицата и трајно решавање на овој проблем. Дополнително ќе започнеме со дронско снимање на одводните канали, за јавно да ги објавиме сите објекти кои се изградени врз одводните канали, а кои предизвикуваат потешкотии во одводнувањето при такви обилни врнежи од дожд, напиша Костадинов.