
Три жртви однесе големо невреме кое синоќа ја зафати речиси целата територија на Албанија. Невремето предизвика и материјални штети и недостиг на електрична енергија, објави МИА.
Надојдената вода на патот кај влезот во градот Лач однела возило во кои патувале татко и ќерка. Загинатиот маж од возилото, каде бил заглавен, го извадиле пожарникари, додека безживотното тело на неговата ќерка било пронајдено утрово на неколку километри од инцидентот.
Третата жртва е момче од селото Скурај кај Курбин, кое го однела надојдена река откако се утнал мостот по кој тој минувал со мотоцикл.
Улиците во Тирана, Драч, Скадар и други градови наликуваа на реки, но засега нема информации за други жртви. Повеќе албански министри во текот на ноќта ги псоетија најзагрозените подрачја, а активирани се и сите противпожарни единици, штабовите за справување со природни непогоди и војската.
Силното невреме, проследено со обилни дождови, елктронски празнења и силни ветрови, предивика големи бранови на приморјето, поради што беше попречено одвивањето на поморскиот сообраќај.