Симеон Мони Дамевски реизбран за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Досегашниот директор, актерот Симеон Мони Дамевски на денешното свечено Собрание на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), со мнозинство гласови од присутните членови, повторно е избран за директор на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Дамевски ја извршуваше директорската функција од јуни 2021 година, а според статутот на ДФРМ, неговиот нов мандат ќе важи за следните две изданија на фестивалот во Битола.

Мони Дамевски презентираше извештај за минатогодишното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ и се заложи дека ќе работи на зачувување на реномето што го има овој интернационален фестивал на филмска камера. Покрај тоа, тој најави и богата програма и реномирани гости на годинашното издание на „Браќа Манаки“, кое е планирано да се одржи во втората половина на септември.

Симеон Мони Дамевски дипломирал актерство на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а магистрирал на Ратгерс, државниот факултет на Њу Џерси во САД, каде од 1990 до 1992 година бил и асистен по глума.

Во 40-годишната кариера играл в театар и на филм („Пред дождот“ и „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ мегу другите), продуцент е на „Враќање“ и „Војната заврши“ на Митко Панов и на 6 документарци, а очекува и продукција на две негови филмски сценарија. Син е на еден од легендарните македонски актери, Дарко Дамевски.