Селото Секирник во Општина Босилово е следното место во Македонија каде што Симон Трпчески ќе го изведе својот проект „Македонисимо“. По концертите во Литванија и Германија, овој музички спектакл ќе се случи на 26 август, со почеток во 20 часот.
Концертот во Секирник, родното место на мајката на Трпчески, ќе биде организиран на отворено, а влезот ќе биде слободен, како што беше случај и со претходните изведби на „Македонисимо“ во Македонија во струшкото село Збажди, Скопје, Штип, Битола и Дојран.
„Како што минатата година ја стартувавме македонската турнеја на ‘Македонисимо‘ со организациски исклучително предизвикувачкиот концерт во планинското село Збажди, родното место на таткото на Симон Трпчески, така со овој несекојдневен концерт ја почнуваме балканската турнеја на проектот, што ќе трае до октомври и ќе ги вклучи Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Романија“, велат од здружението „КултурОп“.
„Македонисимо“ претставува спој на македонската народна музика со џезот и класичната музика, сплет од 23 нумери, најмногу ора и по некоја песна. Трпчески го создаде во соработка со композиторот Панде Шахов, а го изведува со Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело), Хидан Мамудов (кларинет, саксофон и кавал) и Влатко Нушев (удиралки). Светската премиера на проектот беше во Германија во 2017.