Апостол Симовски, директорот на Државниот завод за статистика, во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 рече дека стотиците Авганистанци кои се очекува да пристигнат во Македонија и тука привремено да бидат згрижени нема да се попишуваат.
„Нема да се пошишат Авганистанците. Има посебни протоколи за попишување на бегалци и азиланти пропишани од Обединетите нации, но тие не влегуваат во оваа категорија“, рече Симовски.
Најголемата статистичка операција започнува на 5 септември, а тој вели дека пописот секако ќе може да се извршува кај граѓаните кои имаат лични карти со истечен рок.
„Нас нѐ интересира матичниот број, не дали е истечена личната карта. Сакаме да прибереме точен матичен број“, наведе првиот човек на ДЗС.
Симовски вели дека во случајот со Македонија се поппшува и нерезидентното население затоа што земјата важи за емигрантска.
„Клучниот документ е препораките на ОН, а тоа се подзаконски акти каде се даваат одредени дефиниции што треба и што смее да се попише, во зависност од интересот. Задолжително е резидентното да се попише, но земјите кои имаат проблем со емиграција може да прават попис и на граѓаните што живеат надвор од земјата. Пописот би дал придонес тие да не заминуваат, односно да се вратат, рече тој во емисијата.
Нагласи дека граѓаните кои ќе го бојкотираат пописот ќе се соочат со прекршочни казни.
Според Симовски, може да се одбие попис само ако попишувачот не носи маска и не ги почитува протоколите.
„Мораме да сфатиме дека ова не е право, ова е обврска,. Тоа е така секаде во светот. Секој оној кој ќе се обиде од која било причина да одбие да биде попишан, а при тоа се испочитувани протоколите, тогаш ќе сноси последици“, рече Симовски.