Симпозиум на МАГО: Да се подигне свеста за клучните аспекти на здравјето на жените

Македонската асоцијација на гинеколози и акушери (МАГО) по повод Неделата на женското здравје 2024 година претстојниот викенд организира симпозиум на кој ќе бидат презентирани податоците за ХПВ вакцината, вакцинацијата во бременост, улогата на обезитетот во бременоста и Стандардната оперативна процедура на Центрите за жртви од сексуално насилство.

Согласно податоците од Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во Шуто Оризари има 2.500 жени кои се здравствено осигурани, но немаат избрано матичен гинеколог, и околу 1.000 жени кои не се осигирани и немаат матичен гинеколог. Согласно законските регулативи во РС Македонија, секој поединец без разлика на работниот статус може здравствено да се осигура и со тоа да се стекне со правото на бесплатни здравствени услуги.

Целта е да се нагласи важноста од редовните превентивни прегледи и рано откривање на здравствените проблеми како и информирање на сите жени во Македонија дека изборот на матичен гинеколог е од клучна важност за редовните превентивни прегледи.

Говорници, Марија Башеска Стојановска и д-р Ламбе Крстевски, ќе дадат увид од прва рака за предизвиците со кои се соочуваат ранливите групи во пристапот до услугите за сексуално и репродуктивно здравје.

Централниот фокус на Неделата на женското здравје 2024 е меѓународниот симпозиум насловен „Здравјето во фокусот на жената“, специјално дизајниран за специјалисти и специјализанти по гинекологија и акушерство. Овој симпозиум, со интернационален карактер ќеј се одржува во период од 17 до 19 мај 2024 година, а ќе собере голем број експерти за да се осврнат на актуелните прашања за здравјето на жените.

Симпозиумот има цел не само да ги унапреди знаењата и вештините на здравствените работници, туку и да ја подигне свеста кај општата популација за клучните аспекти на здравјето на жените.