Симпозиум: „Практични предизвици при вршење на увид, со посебен осврт кај сообраќајни несреќи и можни решенија“

Во организација на Здружението на јавни обвинители на РСМ, Здружението за судска медицина и Асоцијацијата за корпоративна безбедност – Скопје, на ден 12.12.2023 година се одржа научен и стручен симпозиум: „Практични предизвици при вршење на увид, со посебен осврт кај сообраќајни несреќи и можни решенија“.

Мисијата на Симпозиумот беше да одговори на предизвиците со кои се соочуваат припадниците на полицијата, јавните обвинители, судските медицинари, вештаците и другите учесници во судските постапки од аспект на примена на протоколите при утврдување на присуство на алкохол и дрога кај кривично – правни настани, со посебен осврт кај сообраќајните несреќи. Преку размена на експертски знаења, професионални практики и индивидуални искуства, како и взаемна соработка на експерти и практичари се овозможи да се понудат решенија со кои ќе се надминат детектираните проблеми во обезбедувањето на докази кои се круцијално значење за успешно водење на кривичната постапка.

Модератори на Симпозиумот беа проф.д-р Атанас Козарев, Претседател на Асоцијација за корпоративна безбедност – Скопје, Декан на Факултет за правни науки, меѓународни односи и дипломатија, МИТ Универзитет – Скопје и јавен обвинител Спасенка Андонова, Потпретседател на Здружение на јавни обвинители на РСМ.

Настанот свечено го отворија -проф. д-р Александар Станков, Директор на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Скопје и м-р Елвин Вели, Претседател на Здружение на јавни обвинители на РСМ.

Директорот на Заводот за судска медицина од Ниш проф. д-р Горан Илиќ, заедно со тимот сочинет од: м-р Билјана Милосављевиќ, проф.д-р Маја Вујовиќ, м-р Јована Симиќ, одржаа предавање на тема: “Одредување на етанол во биолошки материјал и значење на добиените резултати во судско – медицинското вештачење”. Потоа следеше предавање на д-р Габриела Коскоска, Началник од Оддел за форензички испитувања, МВР-РСМ: “Анализа на алкохол и контролирани супстанци во Одделот за форензички испитувања”. м-р Маја Арсовска-Манов, главен инспектор за сообраќајни работи и превенција во Сектор за сообраќајни работи-МВР – РСМ, со одлична презентација на тема: “Безбедносна состојба и статистика во сообраќајот, со посебен осврт на сообраќајните незгоди и постапката за утврдување на алкохол во организмот” предизвика огромен интерес кај присутните. Во вториот дел од Симпозиумот предавања одржаа претставниците од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Скопје и тоа: асс.д-р Горан Павловски: “Улогата на судско-медицинскиот експерт при увид на местото на настанот кај сообраќајни незгоди”; асс.д-р Наташа Битољану: “Судско-медицинската експертиза на етил алкохол и нејзиното значење во сообраќајните деликти” и м-р фарм. Марија Бујаровска: “Систематска токсиколошка анализа на психоактивни супстанции кои подлежат на злоупотреба”.

На крајот се разви широка дискусија при што беа поставени конкретни прашања со кои се соочуваат јавните обвинители при секојдневното работење, а поврзано со темата на Симпозиумот, како важно прашање за донесување на квалитетна јавнообвинителска одлука.