Симулациски вежби на АХВ за управување со жаришта на африканска чума

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија (АХВ) ќе спроведe две симулациски вежби ,,Управување со жаришта на африканска чума кај свињите кај домашната и дивата популација свињи”. Првата вежба ќе се одржи утре и задутре (30 – 31.01.2024 година) во Штип, а втората во четврток и петок (01 – 02.02. 2024 година) во Битола.

Симулациските вежби се организираат со техничка и оперативна поддршка на проектот „Подобрена контрола на болести кај животните и имплементација на системот за безбедност на храната“ кој е финансиран од ЕУ.

Ја известуваме јавноста, дека не станува збор за реална ситуација, односно, активностите кои ќе бидат преземени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во деновите кога ќе се одржат симулациските вежби во Штип и во Битола, се поврзани со исклучиво со вежбата.

Целта на вежбата е да се даде одговор при појава на африканска чума кај свињите, која е предмет на Плановите за итни мерки. На симулациските вежби ќе присуствуваат претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од Ветеринарната комора на РСМ, Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, претставници од Инспекторатот за ловство, Инспекторатот за животна средина, претставници од Министерството за животна средина, како и експерти од Европската унија.