Синдикалците бараат подобар Закон за работни односи

Со четири паралелни протести низ Скопје беше одбележан Празникот на трудот- 1 Мај, а претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски ги достави барањата на синдикалците до Владата, каде се собараа сите учесници на протестите, иако протестните маршеви ги почнаа на различни локации.

Собирот на ССМ пред Владата почна со интонирање на Интернационалата и македонската химна.

Ова е нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење.Единството сега е повеќе од потребно зошто работничката класа е разбиена. Ќе се справиме со сите што ќе ги издадат работничкото движење и Синдикатот, рече Димовски пред да ја достави и официјало Декларацијата со барањата до Владата.

Меѓу барањата на синдикалците доставени до Владата се подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници и подобар општ колективен договор за приватниот и јавниот сектор.
Синдикалниците кажаа и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

Осве ССМ, како и протестот против извршители, протести одржаа и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и партијата „Левица“.

Марјан Ристевски, претседателот на Конфедерацијата на синдикалните организации, рече дека тоа што се одржуваат четири различни протести е позитивен сигнал бидејќи во иднина е можно обединување на сите организации и здруженија кои бараат права за работниците и граѓаните.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаушидис посочи дека бараат пристојни услови за работа и пристојна плата како и дека Владата покажала оти заложбите за поголеми работнички права кои ги промовираше во преизборието се чисто политиканство.

Изминативе неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува. Преставници на ССНМ и на Академскиот синдикат ги повикаа присутните да ја проверат заложбата на Владата да се урне оградата околу владината зграда и да влезат во дворот. Но полицијата не ни дозволи ниту да се приближиме го главниот влез. Со тоа се покажа дека ветувањата и заложбите на Владата дека ќе ја урива оградата се само празни зборови, истакна Чаушидис.

„Левица“ во повикот за масовен Првомајски протестен марш, ги повика работниците и работничките од погоните и канцелариите, од скелињата и полињата, од државниот и приватниот сектор, од центарот и периферијата на градовите, млади и стари, помалку или повеќе угнетени, да го чујат повикот за борба за трудовите права и политички интереси!

Ние што ги носиме историјата и иднината на нашите плеќи, да се избориме за нашето право да ја создаваме сегашноста! Доста со политичкиот театар на богатите и сопствениците! Политичка моќ за трудот!1 Мај живее!