Синдикатите ги разбирам како коректори и партнери на власта, вели Велковски, нивниот глас треба да биде слушнат

Синдикатите ги разбирам како коректори, односно партнери на власта, на сите влади кои што функционирале и ќе функционираат во земјава. Нивниот глас треба да биде слушнат и тие треба да бидат испочитувани, изјави техничкиот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој на покана на претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, беше во посета на Работничкиот дом.

Велковски посочи дека на средбата биле отворени доста од темите што ги засега самиот Синдикат, како и самите работници.

Тоа што го говорат Синдикатите, вели Велковски, е глас на самиот работник и истото онаму каде што има законски можност треба да биде имплементирано и да биде во полза на граѓаните, односно работниците.

– Влагаме во изборен процес, дел од нашите процеси ќе бидат врзани или замрзнати. Меѓутоа ги отворивме прашањата кои што ги засега самите работници и работничките права, кои што години наназад се случувале. Го напоменавме и Законот за работни односи кој што пет години седи во фиоките на Министерството и не се продуцираше да влезе во владина или собраниска процедура, за жал, а тоа е на штета на работниците, рече Велковски.

Посочи дека биле напоменати и другите правни елементи кои што се пречка во унапредувањето на работничките права и како синдикатите би можеле да бидат коректори на однесувањето на власта.

– Стојам зад тоа, пред се, како човек, но и како министер ќе се залагам, барем во овој технички период, после со господ напред ќе видиме како ќе биде целава ситуација, меѓутоа заеднички стоиме рамо до рамо да се бориме и да биде коректори на сите процеси во нашата држава, само во полза на работниците во Македонија, рече Велковски.