Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, денеска синдикатите ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот. Најавени се одделни протести на двата најголеми синдиката во земјава.
Под мотото „Работниците се државата“, Сојузот на синдикати на Македонија ќе го почне протестот точно напладне пред зградата на ССМ, а ќе го заврши пред Владата, а Конфедерацијата на слободни синдикати под мотото „За правда, за еднаквост“ ќе протестира два часа порано со крајна дестинација пред Владата.
За синдикатите е неприфатливо платите на работниците да не бидат зголемени кога се овозможува зголемување на платите на функционерите по одлуката на Уставниот суд. Нелогично е, велат тие, во време на инфлација да се укинуваат одредби од Законот за плати на функционерите со кои се овозможува зголемување на нивните плати, а од друга страна да нема зголемување на платите на работниците.
– Сметаме дека покачувањето на функционерските плати за 78 проценти или по 2.000 денари дневно, воведувањето на 12 часовен работен ден за голем број работници, тоа што ги излажаа вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија Општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К-15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството, велат од ССМ.
Првомајскиот протест, според ССМ, е единствен начин власта да го слушне гласот на работникот затоа што, како што велат, носителите на законодавната и извршната власт и работодавачите немаат слух за проблемите на работниците. Протестите, најавуваат, дека ќе продолжат со засилено темпо и по 1 Мај.
Првомајските протести годинава ќе поминат и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое произлезе по најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д. Синдикатите реагираат на ваквите законски одредби и бараат нивно повлекување бидејќи, според нив, со тоа се прави обид да се погази фундаменталното право за пристојно работно време за кое се изборија работниците со штрајкот организиран во Чикаго во 1886 година.
Ставот на Владата е дека законските измени се однесуваат само за инфраструктурни проекти и дека ќе се бара согласност од работникот за продолжено работно време.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во петокот изјави дека законските измени не предвидуваат 60-часовна работна недела, туку прекувремена работа која ќе биде платена за секој одминат час.
Пред синдикатите останува и битката за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со кој меѓу другото се бара враќање на правото за исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор, популарниот К-15, исто како и во приватниот сектор.
Поддршка на синдикалните протести најавија и од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) од каде велат дека е крајно време да се обединат сите синдикати.
Први мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.