Синдикатот на Клинички центар до Венко Филипче: Почнете да се однесувате сериозно кон ресорот

„Господине Министер, одамна истече времето за изградба на двете катни гаражи, и намалувањето на цената на паркинг картичките или нејзино укинување за вработените во Клинички центар. Дали мислите дека вработените во Клинички центар заборавија на Вашето ветување. Зарем мислите дека се намалил револтот. Не, туку ја изгубивте огромната доверба која ја имавте кај Вашите довчерашни соработници, се надеваме и понатамошни, велат од Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар, во писмото до Венко Филипче.

-Истекува и времето докторите специјалисти во терциерно здравство да ги добијат ветените 100.000,00 денари основна плата од која се многу далеку. Докторите што ги споменувате со 90 до 100 илјади денари плата ги пополнуваат празните места во градовите каде недостигаат доктори од пооделни специјалистички области. Всушност, поради двојната работа ја земаат и платата на оние што ги нема во тие градови, а треба да ги има. За воља на вистината, согласно важечкиот колективен договор докторите специјалисти во Клинички центар имаат 44517,00 денари основна нето плата, стои во денешното соопштение од Извршниот одбор на Синдикатот на Клинички центар и се додава:

„Истекува и времето медицинските сестри и другите здравствени работници да го добијат двојното покачување на платите. Не сакаме да поверуваме дека не знаевте дека Германија до 2025 година ќе има потреба од 150.000 нови медицински сестри. Сигурно некој Ве запознал или бар требало да Ве запознае со стратегијата за решавање на тоа прашање, преку проект кој им нуди на странците интеграција во првите три месеци или тн. “Triple Win” проект. Најверојатно, мислевте дека проблемот комплетно ќе го решат со кандидати од БиХ, Тунис и Филипини, како што беа првичните огласи. На толкава бројка? Излезете веќе еднаш јасно и недвосмислено пред нашите и Ваши административни работници да ги кажете Вашите и на Владата на Република Северна Македонија планови за нивната понатамошна судбина. Ветивте дека ќе водите политичка борба во Владата за нивно изземање од останатата јавна администрација“.

…„Господине Министер, исправете ја сликата и почнете да се однесувате сериозно кон ресорот што го водите. Со стратегија на тековно, а не планско решавање на проблемите и оставање за некое идно време, ќе се соочиме со уште поголем одлив и недостиг на здравствен персонал, и ситуација која тешко ќе може да се контролира. Како основач на јавното здравство, Ваша обврска е да го спречите одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство…

„И оставете ги дежурствата. Докторите би Ви биле благодарни да ги укинете дежурствата, и да воведете сменска работа. Но, знаете дека тоа е неизводливо поради недоволен број доктори. Синдикатот на Клинички центар последните преговори со Вас ги имаше на 15.01.2019 година. Со ваквиот однос порачувате дека Синдикатот на Клинички центар е непосакуван социјален партнер, а со тоа дека не сакате да се соочите, а уште помалку да ги решите проблемите на вработените во Клинички центар…“