Синдикатот на култура бара нов Закон за култура

Синдикатот на културата денеска преку соопштение упати неколку барања до министерствата за култура, за информатичко општество и администрација и за финансии. Синдикалците од надлежните министерства бараат донесување нов Закон за култура, да се пролонгира рокот за изготвување на систематизации, да се доделат решенија за распределување на вработените, како и да се одобрат средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.

-Во последниве месеци имаме нова власт која се уште нема променето ништо по однос на законите, а намерата на власта за имплементација на одредбите од некои закони, само би ги продлабочила нашите проблеми во работниот однос. Затоа, како синдикат, сметаме дека е наша обврска и должност јавно да ги артикулираме нашите проблеми и да упатиме барања до министерствата под чија надлежност припаѓаме- велат од Синдикатот.

Синдикатот од Министерството за финансии  бара да се одобрат средства за порамнување на платите во различните дејности на културата и за унапредувањето на вработените кои стекнале стручни и уметнички звања.

-Вработените во институциите од културата речиси десет години се спречени да бидат исплатени за својот стручен и уметнички напредок кој е формално потврден од Министерството за култура, но не е финансиски валоризиран поради ставот на Министерството за финансии за забрана на вертикални унапредувања. Па така, вработените кои добиле решенија за повисоко стручно звање или уметнотоичка категорија, добиваат одговор од Министерството за култура дека платите ќе им бидат регулирани според новите звања и категории откако Министерството за финансии ќе одобри средства за истото, без да биде наведен рок- велат синдикалците.