
Денеска независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, изјави во јавноста дека и бил забранет влез во Синдикатот на пожарникари во простории во Автокоманда, иако претходно ја прифатиле средбата. После изјавата и на Град Скопје, реакција до медиумите испратија и од Независниот синдикат за пожарникарите на Македонија.
Истакнаа дека никогаш не им се случило некој да им забрани да примат гостин, но тоа се случило денеска.
„ За жал во текот на денешниот ден, иако нашиот Синдикат доби уште пред повеќе денови уредно барање за средба од страна на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, ни беше забрането да одржиме средба во просториите на Синдикатот со кандидатката која изрази желба да се запознае со состојбите во пожарникарството. Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје. Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин досега“, се вели во нивната реакција.
Во неа е додадено: „Тие простории се само физички близу Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно неговите законски надлежности и целта на постоењето на еден синдикат. Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции.