„Синофарм“ ни го вратил авансот за вакцините, но тоа не значело дека договорот е откажан

Кина ѝ ги врати парите на Македонија за вакцината на „Синофарм“, велат од Министерството за здравство, објави Канал 5.

– Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против ковид-19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја – велат од Министерството за здравство.

Вчера опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ објави дека имаат информации дека е вратен авансот кој владата го платила до кинеската фирма. Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека имаат информација дека Македонија нема да ги добие кинеските вакцини во наредниот период.