Синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со внуците на Али, Дрин и Бесијан влегуваат во бизнис од 35 милиони евра, за изградба на фотоволтаична централа од 60 MW, во реонот на Кичево, рече Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
– Синот на Али, Шкумбин Ахмети, заедно со неговите први братучеди Дрин и Бесијан веќе ја формирале фирмата „Хелиос”, во која секој од нив има по 1/3 од компанијата. Според документите кои стигнаа до нас од страна на свиркачи, а се анализа на банката во која фирмите на Ахмети имаат сметки, дознаваме за големо мешање на политиката во бизнисот и со тоа енормно богатење на кланот од Зајас.
Имено од анализата на банката дознаваме дека Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети ја информирале банката дека тие имаат изготвено физибилити студија за 60 MW фотоволтаична централа, во која имаат наведено потенцијални локации. Во анализата пишува дека семејството Ахмети ја информирале банката дека за таквата централа веќе имаат добиено дозвола од надлежните владини органи, а чекаат лиценца од Министерството за транспорт. Но, како што се наведува во истата Ахмети не приложиле документи со кои може да го потврдат тоа – рече Ковачки.
За изградба на таква фотоволтаична централа, тие рекле дека им треба финансиска конструкција од 35 милиони евра, а дека истата ќе биде јавно приватно партнерство, додаде тој.
– Од анализата на банката на фирмите на семејството Ахмети може да заклучиме дека синот на Али Ахмети, Шкумбин, заедно со неговите братучеди Дрин и Бесијан или ја лажеле банката дека прават крупен бизнис или откриле дека тие веќе имаат усмен договор со врвот на власта, во овој случај премиерот Димитар Ковачевски, кој е потписник на јавно приватно партнерство дека државата ќе влезе во бизнис со семејството Ахмети за изградба на 60 MW фотоволтаична централа.
Дополнително ако семејството Ахмети не ја лажеле банката, а не доставиле документи дека имаат одобренија од надлежните владини органи за 60 MW фотоволтаична централа, дали тогаш истите имаат усмен договор со низа функционери дека ќе ги добијат потребните договори.
Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети, настапиле пред банката со презимето Ахмети, и со целата политичка тежина на Али Ахмети во Македонија, тоа им дава дополнителна тежина на истите во разговорите и степенот на сериозност – потенцира партискиот функционер.
Овие разговори во банка во Македонија на Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети не можеле да бидат водени без знаење на Али Ахмети, па јавно го прашуваме, дали тој стои зад изнесените информации на неговиот син и внуци во банката, каде што кажале дека им требаат 35 милиони евра финансиска конструкција за да бидат партнери со државата во изградба на фотоволтаична централа? Истовремено го прашуваме и Ковачевски дали тој разговарал со Шкумбин, Дрин и Бесијан дека ќе потпише како премиер договор за ЈПП со нивната фирма „Хелиос” и ќе градат фотоволтаична централа или можеби тоа го разговарал со Али Ахмети или Артан Груби, прашува Ковачки.
Тој најави дека очекува Ахмети и Ковачевски да излезат и да и објаснат на јавноста што договараат и како ги делат бизнисите иистакна дека во наредниот период ќе излезат со уште информации за бизнисите на, како што наведе, кланот од Зајас.