Синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски, на својот профил на Фејсбук објави дека од вторник ќе поднесе оставка на своето работно место во АД ЕЛЕМ од, како што вели тој, морални причини.
Сакам да ја известам јавноста дека јас како дипломиран геодетски инженер на Градежен Факултет – Скопје при УКИМ, свесен за моите знаења и способности имам капацитет да работам во било која компанија од приватниот и државниот сектор каде што се бара геодет. При крај сум со моите магистерски студии на Градежениот Факултет и имам желба и намера да се посветам на мојата професионална кариера.
Јас не сум јавна личност и не сакам повеќе моето име да се провлекува во јавноста.
Во таа насока, сакам да ве известам дека по одлуките на вчерашната седница на ДКСК, од морални причини решив на 30.04.2019 (вторник) да го доставам моето барање за отказ од АД ЕЛЕМ и да се повлечам од работното место – гласи статусот на Стојчевски на Фејсбук.
Антикорупциска оваа недела отвори предмети за вработувања на блиски на функционери преку непотизам, а во нив се најде и името на Стојчевски. За него беше констатирано дека директорот на АД ЕЛЕМ нема ексклузивно право да вработува по негов личен избор.
Вчера премиерот Зоран Заев рече дека им наредил на сите роднини на функционери да го сторат ова. Претходно отказ си даде и мајката на пратеникот и портпарол на СДСМ Костадин Костадинов, Фанија, за која исто така ДКСК потврди дека е вработена на сомнителен начин. И сестрата и мајката на сопругата на пратеникот Александар Кирацовски си дадоа отказ уште пред комисијата да утврди непотизам и во нивните случаи.