Синот на вториот возач: Татко ми спиел во кабината, го препознав неговото тело

Кадрим Мемеди е името на вториот возач во македонскиот автобус што се запали на автопатот Струма во Бугарија, а неговото тело било пронајдено во кабината за спиење во средишниот дел од автобусот, потврдил за Бугарската национална телевизија (БНТ) неговиот син Бесар Мемеди.

Бесар Мемеди, како што вели за БНТ, бил во Бугарија за да го препознае телото и се вратил дома. Според него, татко му не возел, но тоа уште не е потврдено.

Неговиот татко, како што вели, имал 54 години и над 20 години искуство. Често патувал во Германија и Турција и ги знаел рутите. Автобусот, според него, бил технички исправен.

Последната фотографија на возачот Кадрим Мемеди

Бесар тврди дека „Беса Транс“ има сервис и во Турција. Неговиот татко заминал во четвртокот, а во петокот веќе бил во Турција и од таму му се јавил на синот. Според Бесар, татко му во автобусот не дозволувал патници со опасен багаж – ниту со пиротехнички средства, ниту со гориво. Тој уште тврди дека во списокот на преживеани во несреќата има еден кој не е на списокот на патници, Шади Науф ал Салех.