Душко Заев, синот на поранешниот премиер Зоран Заев, основал претпријатие за производство на електрична енергија, објави порталот „Фактор“.
Синот на Зоран Заев е 18-годишен тинејџер, а компанијата која ќе ја раководи го носи името „Тотал енерџи“ со седиште во Струмица.
Колку што е познато, фамилијата Заеви поседува бизниси во повеќе дејности, но ова е прв пат да бидат поврзани со производство на електрична енергија.
Префиксот „Тотал“ го носат уште две компании во кои стонастотен сопственик е Вице Заев, братот на поранешниот премиер, а тоа се „Тотал инженеринг“ и „Тотал електрик“. Најпозната компанија на Заеви е „Тргопродукт“ и фирмата-ќерка „Мамас“.
Семејството Заеви заедно со своите партнери главно делуваат во градежниот бизнис, но се занимаваат и со транспорт, малопродажба, трговија.
Заев на крајот на минатата година ја депонираше оставката од функцијата претседател на Владата до Собранието. Во писмениот документ што беше испратен со собранискиот спикер беше образложено дека за ваквата одлука се решил по исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.
Претседателот Стево Пендаровски минатата недела изјави дека Заев веќе му се вратил на бизнисот во Струмица.