
Израелските сили ги убиле тројцата синови на политичкиот лидер на палестинското милитантно движење Хамас, Исмаил Ханија, во воздушен напад во близина на градот Газа без да се консултираат со високи команданти или политичките челници, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, објавија израелските медиуми во четвртокот.
Повикувајќи се на високи израелски претставници, новинската агенција Walla објави дека Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант не биле однапред информирани за нападот, кој бил координиран од израелската војска и разузнавачката служба Шин Бет. Неименуваните соговорници изјавиле дека Амир, Мохамад и Хазем Ханија биле цели затоа што биле борци, а не затоа што биле синови на политичкиот лидер на Хамас.
Израелската армија не ги коментираше информациите дека се убиени и четирите внуци на Ханија. Кабинетот на премиерот и војската не беа веднаш достапни да ги коментираат извештаите на Walla.
Убиството на членовите на најтесното семејство на Ханија може да ги искомплицира преговорите насочени кон осигурување ставање крај на борбите во Газа во замена за ослободување на 133 израелски заложници за кои се верува дека сè уште се заробени во опколената енклава. Ханија рече дека Хамас има „јасни и конкретни“ барања да се согласи на каква и да е пауза во борбите.
„Непријателот е во заблуда ако мисли дека нападите врз моите синови, за време на екот на преговорите и пред движењето да ги испрати своите одговори, ќе го принудат Хамас да ја смени својата позиција“, рече Ханија во средата.
Војната влезе во седмиот месец, но има малку знаци за напредок во преговорите. Хамас бара прекин на израелската офанзива, повлекување на израелските сили и враќање на раселените Палестинци во нивните домови. Израел, пак, сака да обезбеди враќање на заложниците, но вели дека нема да стави крај на војната додека Хамас не биде уништен како воена сила и планира да го нападне јужниот град Рафах, каде што се засолниле повеќе од милион ипол цивили.