Сирија во средата објави дека ја признала „независноста и сувереноста“ на доминантно руските и рускојазични југоисточни сепаратистички региони во Украина, ткн Народни републики во Доњецк и во Луганск кои по превратот во Киев од 2014 година поддржан од Западот, прогласија независност.
„Повикувајќи се на заедничката волја и желба за воспоставување односи во сите подрачја, Сириската Арапска Република одлучи да ја признае независноста и сувереноста на Народна Република Луганск и Народна Република Доњецк“, извести сириската официјална новинска агенција SANA, повикувајќи се на официјален извор во министерството за надворешни работи.
Според истиот извор, „ќе биде воспоставена комуникација со двете држави за да се договорат рамки за јакнење на односите, вклучително и воспоставување на дипломатски односи во согласност со добро познатите правила“.
Двата региона се дел од пошироката област Донбас. Русија изминатите осум години не ја призна нивната самопрогласена независност од Украина. Но тоа беше сторено на 22-ри февруари годинава, два дена пред рускиот претседател Владимир Путин да нареди влегување на трупите на територијата на соседната земја, со образложение да се одврати офанзивата на Киев поддржан од Западот која требало да почне на 8-ми март а чија цел е воено решение на осумгодишната граѓанска војна и протерување на руското и рускојазичното население.