Сирија повторно е членка на Арапската лига

Министрите за надворешни работи на земјите членки на Арапската лига во неделата решија да ја вратат во членство Сирија по десетгодишната суспензија на нејзиното членство, објави портпаролот на организацијата.

Во 2012 година, повеќето сунитски арапски држави ги повлекоа шефовите на дипломатските мисии од Сирија во знак на протест против политиката на претседателот ал-Асад, обвинувајќи го за насилно задушување на народни демонстрации. Од минатиот месец, голем број арапски земји вложија напори да ја вратат Сирија во Арапската лига, каде нејзиното членство беше суспендирано по масовните бунтови на почетокот на „арапската пролет“ во 2011 година.

Одлуката од неделата за враќањето на Сирија во членството била донесена на затворен состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки во седиштето на Арапската лига во египетската престолнина Каиро, изјави Гамал Рошди, портпаролот на генералниот секретар на организацијата.

Неодамна беше известено дека неколку арапски држави, вклучително и едни од највлијателните како Саудиска Арабија и Египет, го обновија дипломатските односи со Сирија, но некои како Катар и натаму се противат на нормализирање на односите со Дамаск условувајќи ги тоа со политичко решение на судирот. Меѓутоа, тоа се чини дека во моментов е тешко остварливо, бидејќи некои области од земјата се под контрола на сунитските бунтовници поддржувани од САД а има и најмалку осум американски бази на териториите на најголемите сириски нафтени наоѓалишта, дел од територијата на земјата е под контрола на курдските сили против кои на сириска територија дејствува и војската на Турицја.

Според неофицијални информации, арапските земји сега се обидуваат да постигнат консензус за тоа дали ќе го поканат сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига кој на 19-ти мај ќе се одржи во саудиската престолнина Ријад.