Берлинската полиција уапсила сириски државјанин кого го сомничи дека подготвувал терористички напад во Германија, соопшти државното обвинителство во Карлсруе во вторникот.
„Обвинетиот кој има радикално-исламска заднина се товари дека од почетокот на 2019 година набавувал хемикалии и делови потребни за правење експлозивни направи“, се наведува во соопштението на државното обвинителство во Карслруе кое ги презема случаите во кои постои сомневање за загрозување на уставниот поредок на Германија, вклучително и за тероризам.
Осомничениот Сириец, како што се додава во соопштението, планирал екслозивна направа да активира на досега непозната локација во Германија. Како експлозив требало да послужи ТАТП кој е популарен кај трористите, бидејќи едноставно може да се изработи од материјали кои лесно може да се набават на пазарот, како што е ацетонот.
Германскиот јавен сервис ARD пренесува дека станува збор за 37-годишниот сириски државјанин Абдула Х., кој веќе неколку месеци бил следен од властите. До сознанието за осомничениот, германските власти дошле по дојава на странска разузнавачка служба која следела една група блиска на џихадистичката организација Исламска држава на платформата за размена на пораки Messenger.