Сирија го поздрави во вторникот договорот меѓу Русија и Турција за воспоставување демилитаризирана зона до средината на октомври во сириската покраина Идлиб, последното големо упориште на сириските сунитски бунтовници и џихадистите, што треба да гарантира заштита на бунтовниците коишто ги поддржува Анкара и на цивилното население во соседните покраини традиционални упоришта на претседателот Башар ал-Асад кого го поддржува Русија, а изминатиот период беа цел на гранатирања од страна на милитантите.
Сириската службена новинска агенција SANA ја пренесува изјавата на претставник од министерството за надворешни работи кој изјавил дека договорот е резултат на „интензивни консултации и потполна координација“.
Функционерот рекол дека Сирија „секогаш ги поздравува сите иницијативи коишто ќе спречат крвопролевање меѓу Сиријците и ќе помогне во повторното воспоставување бебедност и стабилност“. Додал дека Дамаск „ја продолжува војната против тероризмот сé до ослободувњето на последната педа сириска територија, било со воени операции или со локални помирувања“.
Демилитризираната зона е широка 15 до 20 километри во длабочина на линијата на конфронтација меѓу сириските владини сили и бунтовничките групации во Идлиб и се очекува дека ќе биде воспоставена до 15-ти октомври. По неа заеднички патролирања за зачувување на прекинот на борбените дејствија ќе спроведуваат турските единици стационирани на сириска територија и единици на руската воена полиција.
Сириската опозиција ќе остане во бунтовничката енклава Идлиб на истите позиции на коишто беше и досега во рамките на договорот што во понеделникот во Сочи го постигнаа претседателите на Русија и на Турција, Владимир Путин односно Реџеп Тајип Ердоган. Меѓутоа, од овој договор се исклучени радикалните исламистички групации, како што е Хајат Тајрир ал-Шам, поранешната Џенбхат ан-Нусра, односно сириското крило на Ал Каеда.
„Русија и Турција ќе спроведуваат заеднички координирани патроли тука околу границата на Идлиб. Ќе биде потребно да распоредиме дополнителни сили“, изјави во вторникот турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Европската унија, исто така, во вторникот соопшти дека руско-турскиот договор во Идлиб мора да ги штити цивилите и да овозможи доставуањ на хуманитарна помош.