Сирија повторно бомбардирана, регистриран и земјотрес

Сириската армија објави дека синоќа повторно биле бомбардирани неколку нејзини воени бази, поконкретно во околината на Алепо и Хама. Експлозиите биле толку силни што наводно предизвикале земјотрес кој бил регистриран во неколку соседни земји.

Сирија е изложена на нова агресија. Неколку воени бази во провинциите Хама и Алепо беа погодени од непријателски проектили во 22.30 часот по локално време, соопштил извор од сириската војска за државната телевизија, без да даде дополнителни детали.

Како што е соопштено од страна на „Ројтерс“, опозицискиот активист Басам Џара изјавил дека една од локациите кои биле гранатирани е воената база Бригада 47 во близина на градот Хама, која, како што кажал, е познат центар за регрутирање на шиитски секташки паравоени групи, поддржани и контролирани од страна на Иран, а кој се борат заедно со редовната сириска армија.

Џара објавил и фотографија од жестокиот напад, а организацијата „Викиликс“ на Твитер исто така објави слика од огромната експлозија, која според податоците, можела да се слушне и надвор од границите на Сирија. Сеизмолозите, по нападот, регистрирале земјотреси во Турција и Либан, со јачина од над два степена според Рихтер, објави „Викиликс“.

Уште еден неименуван извор од разузнавачката заедница тврди дека биле гранатирани неколку командни центри на паравоената милиција под контрола на Иран и дека во нападот има десетици мртви и повредени. Бидејќи ракетите биле насочени и кон објекти за складирање оружје, можеле да се слушнат и дополнителни експлозии.

Сириската опсерваторија за човекови права извести дека најмалку 26 прорежимски борци, повеќето Иранци, загинале во воздушните напади, најверојатно изведени од израелската армија.