Првиот камп за внатрешни бегалци, изграден од страна на руски инжижери, беше отворен во Западна Сирија, на локација која е безбедна од граѓанската војна. Во изминатите четири години повеќе од половината од сириското население било раселено, јавува Раша тудеј.
Кампот е сместен во центарот на градот Хама, на околу 40 километри од најблиската воена зона. Се смета дека оваа област е релативно безбедна во земјата која е погодена од активните воени дејствија од февруари 2011-тата година.
Кампот кој може да згрижи 500 бегалци е составен од 25 воени шатори, целосно опремени за живеење. Има кујна, кантина, тушеви, два генератори и уред за складирање вода. Во шаторите има кревети и греење.
Во случај на поголем наплив на мигранти, кампот може да смести и до 1.000 лица.
На отворањето на кампот присуствуваа гувернерот на областа Хама како и повеќе свештени лица.
Ја цениме помошта од Русија за доставувањето неопходна опрема за поставување камп. Во дадената ситуација, Сирија има потреба од кампови за да ги смести раселените граѓани што ги напуштаат провинциите каде има воени дејствија, изјавил гувернерот.
Сириските волонтери веќе им пружаат помош на бегалците во кампот.
Покрај огромниот број сириски бегалци кои се упатија кон земјите на ЕУ, според проценките на ОН околу 6, 5 милиони Сиријци се внатрешно раселени во самата земја.