
Арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), во која главна улога ја има курдска милиција Единици за заштита на народот (YPG), го прифатија договорот за прекин на огнот со Турција, кој важи на помал дел од територијата на североистокот на Сирија, и најавија дека ќе сторат сѐ што е потребно тој да функционира, рекол командантот на SDF, Маззлум Кобани за телевизијата Ronahi во четвртокот вечерта.
Кобани рекол дека договорот е „само почеток“ кој нема да ги исполни целите на Турција, која ја започна воената операција под назив „Извор на мирот“ во северна Сирија чијашто примарна цел е да ги отфрли силите на сириските Курди, кои ги смета за фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK), да ги потисне што подалеку од турската граница. Кобани додал дека договорот е ограничен на просторот на северна Сирија, меѓу градовите Рас ал-Ајин и Тал Абјад.
Во меѓувреме турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја пофали соработката со САД на постигнување на прекин на огнот.
„Господин претседател, уште многу животи ќе бидат спасени кога ќе го поразиме тероризмот кој е смртен непријател на човештвото. Убеден сум дека овој заеднички напор ќе ги промовира мирот и стабилноста во нашиот регион“, напиша Ердоган на Twitter , во одговорот на твитот на американскиот претседател, во кој Трамп претходно во четвртокот договорот го нарече „одлична новина“ и порача дека тој ќе спаси „милиони животи“.