Сириската одбрана одбила израелски воздушен напад

Системите на противвоздушната одбрана на сириската армија погодиле авион на израелските воздухопловни сили кои ја нападнаа воздухопловната база Тифор (Т-4) во покраината Хомс, објави сириската службена агенција SANA, потврдувајќи ги претходните информации на израелските медиуми.

Израелските медиуми претходно објавија, повикувајќи се на воени извори, дека израелските авиони ја нападнале воздухопловната база Т-4, за којашто Израел тврди дека ја користат иранските сили во Сирија и стравува од ширење на военото присуство на Иран во земјата со којашто граничи.

„Системите за воздушна одбрана ја одбија израелската агресија, соборувајќи извесен број проектили и погодувајќи еден од авионите кои напаѓаа, принудувајќи ги другите да го напуштат воздушното пространство“ на Сирија, пренесува агенцијата SANA.

Израелскиот воен портпарол изјавил за Reuters дека Израел не коментира странски извештаи. . Според агенцијата SANA, во последниот напад има неколку загинати и ранети лица.

Руското министерство за одбрана соопшти дека два ловци од типот „F-15“ истрелале осум ракети, од кои три ја погодиле целта, а пет биле соборени од сириската одбрана. Руските воени советници присутни во Сирија не настрадале за време на нападот, пренесе агенцијата РИА.

Нападот од ноќта кон 9-ти јули по локално време не е првиот кој израелските воздушни сили го извршуваат врз базата Тофор. Како одговор на нападот врз оваа база во почетокот на мај, неколку десетици проектили беа истрелани кон позициите на израелската армија на окупираната Голанска висорамнина. Потоа на 10-ти Израел одговори со воздушни напади врз десетици објекти во Сирија и батерии за противвоздушна одбрана, но Дамаск објави дека неговите ракетни системи не биле оштетени.