Силите на сириската влада во неделата ги засилија нападите во делови и околината на градот Абу Камал, неколку часа откако ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава (ИД) повторно врати контрола над делови од овој стратешки важен град во близина на границата со Ирак чиишто сили исто така водат офанзива во оваа област против џихадистите.
Нападот започнал во саботата ноќта, а во тек се жестоки борби на локалните милиции кои се сојузници на владата во Дамаск со борците на Исламската држава во предградијата на Абу Камал.
Според информациите од четвртокот вечерта Исламската држава повторно ја преземала контролата над целиот град во покраината Деир-ез-Зор, потиснувајќи ги преостанатите сили на сириската војска која на теренот ја има поддршката од локалните милиции како и од шиитски доброволци од регионот. Абу Камал беше заземен од џихадистите во летото 2014 година, кога продреа од страната на Ирак.
Абу Камал е стратешки важен град за Исламската држава бидејќи ги поврзува областите кои сѐ уште се под нејзина контрола во соседен Ирак.