Сириските бунтовници ја уништија резиденцијата на Башар ал Асад кој доби азил во Москва

Сириските бунтовници во напуштената резиденција на сирискиот претседател Башар ал Асад, ја пронајдоа неговата колекција луксузни автомобили, објави лондонски „Телеграф“.

На видеата објавени на платформата „Икс“ може да се забележат борци и цивили како влегуваат во напуштената претседателска палата, ги ограбуваат работите на Асад и се сликаат на неговата маса.

На снимката се гледа дека во просториите на претседателската палата останал малку мебел, а портретот на Асад е фрлен на подот.

Видлив е и голем хангар исполнет со автомобили вредни милиони евра, вклучувајќи „Ферари“, „Астон Мартинс“, „Ролс Ројс“, „БМВ“ и „Мерцедес“.

Претседателската палата вклучува три шесткатни згради со вкупна површина од 510.000 квадратни метри.

Инаку Башар ал Асад попладнево пристигна во Москва, објавија руските државни медиуми, повикувајќи се на извор од Кремљ. Според него, Русија му дала азил на соборениот сириски претседател и неговото семејство. Од Кремљ додаваат дека лидерите на сириската опозиција дале гаранции за руските воени бази во Хмеим и Тартус, како и за руските дипломатски претставништва во земјата. Руското МНР претходно објави дека Асад ја напушти Сирија по преговорите со бунтовничките групи и дал инструкции за мирен трансфер на власта.

Додека траеше тајната операција за изнесување на Асад од Дамаск, Сирија потона во полициски час што го воведоа опозициските сили по преземање на власта. Нешто пред да стапи во сила, лидерот на најсилната опозициска група во земјата се појави во џамијата Умајад во главниот град и победата над Асад, по молскавичната офанзива, ја посвети на исламската нација.

Абу Мохамед ал Голани го замени турбанот со костум, фундаменталистичкиот речник со умерен и застана на чело на најсилната опозициска група во Сирија – Хајат Тахрир ал Шам. Исламистичкиот лидер на бунтовничката организација пред себе си постави цел – да го урне режимот на Башар ал Асад кој со земјата владееше од 2000 година.

Лидерите на бунтовниците по преземање на контролата врз главниот град, изразија подготвеност за соработка со меѓународната заедница за стабилизирање на Сирија.

Хајат Тахрир ал-Шам е најсилната бунтовничка група, е поранешна подружница на Ал Каеда во Сирија. Таа се најде на листа на терористички организации во САД и во други земји.

Голем број на Сиријци стравуваат дека во наредниот период ќе наметнат драконско исламистичко владеење во земјата