Сириските демократски сили во офанзива против ИД

Коалицијата на курдски милиции ја презеде првата операција против џихадистичката група Исламска држава во северниот дел на Сирија.

Сириските демократски сили формирани се во средината на октомври, како сојуз на силни единици на Курдската народна заштита и други сириски бунтовнички групи.

Ова е прв чекор на Сириските демократски сили, изјави портпаролот на бунтовничката група Буркан ал Фурат Араб, Шерфан Дервиш.

Тој истакна дека операцијата почнала синоќа, а цели се позициите на ИД во североисточната покраина Хасака.

Дервиш посочи дека операцијата може да добие поддршка и од воздух од коалициијата предводена од САД.

Операцијата на Сириските демократски сили уследи откако САД најавија дека ќе испратат помалку од 50 специјалци во северна Сирија.