Сириските сили продираат во Дума

Силите на Сириската републиканска гарда продреле во петокот во Дума, последното бунтовничко упориште во областа на Источна Гута, во близина на главниот град Дамаск, објави државната телевизија, а невладина организација известува за најмалку 27 загинати во жестоки воздушни напади.

Сириската опсерваторија за човекови права (SOHR), чиешто седиште е во Лондон, известува дека меѓу 27 загинати во воздушните напади пет се деца.

Снимките што ги емитуваше сириската државна телевизија прикажуваа облаци од црн чад кои се издигнуваат над градот Дума каде што отпор сѐ уште даваат борците на исламистичката група Џаиш ал-Ислам, додека бунтовниците од другите подрачја на Источна Гута ја прифатија понудата да ги искористат коридорите кои ги отвори сириската владина војска во други бунтовнички области подалеку од сириската престолнина.

Со освојувањето на Дума, претседателот Башар ал-Асад би ја запечатил најголемата победа по пресвртот во конфликтот кој започна во март 2011 година кој го направи во 2016 година и би ја зацврстило неговата недопирлива позиција.

Официјалната сириска агенција SANA објави дека сириската воена авијација извела во петокот напади како одговор на бунтовничкото „ракетирање на станбените квартови во Дахијат ал-Асад, каде што живее претседателот и контролен пункт ал-Фафидин. Вечерта во Дамаск бомбаш самоубиец активирал експлозив во неговото возило, при што според првите информации загинал еден цивил, но има доста ранети.

Воздушните напади следеа откако преговорите за евакуацијата на бунтовниците од бунтовничкиот џеб во Дума во четвртокот беа прекината поради внатрешните поделби во групацијата Џаиш ал-Ислам, чиешто најрадикално крило одлучно одбива да го напушти градот. Дваесетина автобуси кои ги испрати сириската влада влегоа во градот, но потоа се вратија.

Исламистичката група која сѐ уште ја контролира Дума, никогаш не потврди дека склучила договор за евакуација. Сепак, пренесува агенцијата, од понеделникот околу 4.000 борци и членови на нивните семејства се превезени од градот кон северот на Сирија.

Командантот на локалната сунитска милиција којашто е во сојуз со претседателот ал-Асад изјавил дека исламистичките борци имаат само една опција: да ја напуштат Дума и да заминат во областите североисточно од Алепо. Се проценува дека во Дума се заро9бени повеќе десетици цивили.