Сириските власти прогласија примирје во Идлиб

Руското Министерство за одбрана соопшти дека сириските власти прогласиле примирје во подрачјето на деескалациската зона во Идлиб, пренесува агенцијата Анадолија.

Како што се наведува, воените единици на сириските власти прогласиле еднострано примирје во сирискиот регион Идлиб.

– Со цел стабилизирање на ситуацијата, Центарот за помирување на руските сили договори дека сириската војска еднострано ќе прогласи примирје во зоната за намалување тензии во Идлиб, што стапува на сила од 31 август во 6 часот, соопштува руското Министерство.

Во Идлиб, кој е упориште на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени лица, кои се цел на постојани напади, потсетува агенцијата.

Со посредство на Турција и Русија, во Сочи на 17 септември 2018 година, е постигнат договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.

Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од тој регион, а силите лојални на Асад не ги запрера артилериските и воздушните напади во тој регион, јавува Анадолија.