Колку маски купуваме за 11 милиони евра?, прашува портпаролот на грчката опозициска партија СИРИЗА, Алексис Харицис, коментирајќи ја информацијата во медиумите дека Владата одвоила 11 милиони евра за информативна кампања за коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.
Харицис преку неговиот официјален „Фејсбук“ профил објави и документ од одлуката на грчката влада да го одвои конкретниот износ.
Според документот со датум 23 март 2020 година, се одобруваат 11 милиони евра за службите за информирање на граѓаните „за да се спроведе кампањата во рамките на заштитата на јавното здравје и мерките за спречување на ширењето на коронавирусот“.
Портпаролот на СИРИЗА вели оти веста дека информирањето на граѓаните за коронавирусот ќе чини 11 милиони евра е „провокативна, шокантна и открива многу“.
-Провокативна е бидејќи за едно толку важно прашање од јавен интерес, според закон, предвидено е бесплатно емитување од медиумите. Шокантна, затоа што доаѓа во момент кога сѐ погласни се гласовите на луѓето што се во првите борбени редови, лекарите и болничарите, кои од Владата го бараат она што се подразбира: одлучувачко зајакнување на системот на јавно здравје. Владата мора да го објасни нејзиниот избор и детално да ги даде сите податоци за скапата кампања. И, да одговори на едноставното прашање: колку маски купуваме за 11 милиони евра?, коментира Харицис.