Сириза потврди дека ќе блокира избор на нов претседател на Грција

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија Сириза Алексис Ципрас потврди дека негова цел се предвремени избори, а тоа ќе се постигне со тоа што ќе се спречи избор на нов претседател на државата од страна на Парламентот.

Ципрас вчера зборуваше на сесија на политичкиот секретаријат на Сириза, при што истакна дека покрај блокирањето на изборот на претседател на државата, неопходно е партијата добро да се подготви и во програмска и организациска смисла.

Ципрас повтори дел од изјавата што ја даде ноќта по евроизборите за потребата од демократски, прогресивен и радикален сојуз, со таа разлика што синоќа тој истакна дека овој сојуз ќе бара апсолутно мнозинство на изборите.

Лидерот на ПАСОК, вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос пред неколку дена истакна дека политичките партии во Грција не треба да се обидат да го блокираат именувањето на претседател следната година, што би предизвикало предвремени парламентарни избори.

Грчкиот Парламент во март следната година ќе избира нов претседател на државата. Согласно Уставот, претседателот на Грција се бира од Парламентот во три круга. Доколку во рамките на таа процедура не биде избран шеф на државата, Парламентот се распушта и се свикуваат нови избори.

Претседателот може да биде избран во првиот круг, доколку добие поддршка од 200, односно две третини од вкупно 300 пратеници во Парламентот. Партиите од владејачката коалиција во моментов имаат само 153 места, а неможноста да се договорат кој ќе го замени Папуљас, може да претставува голема закана за опстанок на Владата.