Сиромаштијата има загрижувачки последици врз белата маса на мозокот

Една нова студија на научници од швајцарските универзитети во Лозана и во Женева откри загрижувачка врска меѓу приходите на домаќинствата и деградацијата на белата маса во мозокот. Истражувањето, во кое учествувале 721 лице на возраст од 50 до 91 година, покажа дека животот во сиромаштија го забрзува пропаѓањето на тоа клучно мозочно ткиво.

Студијата која се занимава со влијанието на социоекономските фактори на здравјето на мозокот, откри дека поединци од посиромашните домаќинства покажуваат поизразени знаци на стареење на белата маса на снимки на мозокот и имаат полоши резултати во когнитивните проценки во споредба со побогатите колеги, дури и после прилагодувањето на променливите како возраста и полот.

Документот имал за цел да даде увид во врските меѓу социоекономската изложеност – приходите на домаќинствата, последното познато работно место и социоекономскиот пат во животот – со микроструктурата на мозокот и когнитивната изведба во средна до доцна возрасна доба, објаснуваат швајцарските научници во трудот кој е објавен во списанието JNeurosci.

Белата маса игра витална улога во преносот на неуралните сигнали низ мозокот и влијае на когнитивната способност. Хроничната изложеност на социоекономски недостаток, кој е синоним за сиромаштија, одамна се поврзува со влошеното здравје и когнитивните функции.

Истражувачкиот тим настојувал да ги разоткрие темелните механизми кои стојат зад овој феномен и откриле дек факторите од типот на густината на неуритите и миелинизацијата, која го одредува интегритетот на белата маса, биле вклучени во забрзаниот пад забележан кај п poоединци од домаќинства со ниски примања.

Поединци од домаќинства со високи примања, пак, покажале сочувана когнитивна изведба дури и со поголема средна дифузност, ниска миелинизација и ниска густина на неурити, велат швајцарските научници. Изненадило тоа што поединци од побогати средини покажале отпорност на когнитивен пад и покрај сличните структурни промени во белата маса. Тоа укажува на постоење на дополнителни заштитни механизми на кои влијае социоекономскиот статус.